Закон за администрација

Законот за административни службеници (ЗАС) е донесен на 3 февруари 2014 година, објавен е во Службен Весник на РМ бр. 27 од 5.02.2014, стапува во сила осмиот ден од денот на објавување во Службен весник на РМ (13.02.2014) а ќе започне да се применува една година од денот на влегување во сила (13.02.2015).

Институции во кои работат административните службеници

Според ЗАС, административен службеник е лице кое засновало работен однос заради вршење административни работи во некоја од следниве институции:

  • органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно со Уставот и со закон и
  • институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од општините, од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје.

Во зависност од институцијата во која е вработен, административниот службеник може да биде:

  • државен службеник, односно друг вид на службеник утврден со посебен закон во институциите од ставот (1) алинеја 1 на овој член или 
  • јавен службеник во институциите од ставот (1) алинеја 2 на овој член.

Класификација на административни службеници

Работните места на административни службеници се класифицираат во четири категории, и тоа:

  1. категорија А - секретари,
  2. категорија Б - раководни административни службеници,
  3. категорија В - стручни административни службеници и
  4. категорија Г - помошно-стручни административни службеници.

Потребни посебни компетенции

Независно од категоријата во која припаѓаат, една од посебните работни компетенции кои треба да ги исполнуваат административните службеници е активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење.

Кандидати за административни службеници

Кандидатите за административни службеници при пријавувањето пополнуваат електронска пријава која меѓу останатите податоци содржи и податок за познавањето на работа со компјутерски програми за канцелариско работење при што се наведува кои програми ги познава. Кон пријавата кандидатите задолжително ги прикачуваат доказите за податоците внесени во истата, во скенирана форма а познавањата на апликациите го докажуваат со потврда за работа со програми за канцелариско работење.

Според ЗАС, член 108:

  1. Административниот службеник кој засновал работен однос во институцијата заклучно со денот на започнувањето со примената на овој закон треба до секретарот, односно раководното лице на институцијата во која не се назначува секретар, да достави докази за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење, соодветни на нивото на неговото работно место, во рок од две години од денот на започнувањето со примената на овој закон (13.02.2017).
  2. Административниот службеник кој нема да достави докази за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење согласно со ставот (1) на овој член со решение на секретарот, односно раководното лице на институцијата во која не се назначува секретар, ќе биде распореден на работно место за едно ниво пониско од работното место на кое бил во моментот на влегување во сила на овој закон, освен административните службеници кои на денот на започнувањето со примената на овој закон биле распоредени на работно место од влезно ниво на кои ќе им биде намалена платата во износ од 10%.
  3. Административниот службеник на кој согласно со ставот (2) на овој член платата му била намалена во износ од 10% може во секој момент да достави докази за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење до раководното лице на институцијата по што секретарот, односно раководното лице на институцијата во која не се назначува секретар носи решение со кое решението за намалувањето на платата престанува да важи.
  4. Ставовите (1) и (2) на овој член не важат за административните службеници кои ќе остварат право на пензија во рок од десет години од денот на започнувањето со примената на овој закон.

Ако сте веќе вработени во јавната администрација како административен службеник или пак планирате да се јавите на некои од идните огласи за вработување, ќе биде потребно да обезбедите сертификат со кој ќе го исполните бараниот услов - потврда за работа со програми за канцелариско работење.

Законот за административни службеници можете да го превземете овде.

Last modified: Wednesday, 11 May 2016, 3:54 PM